Гејмерите кои пиратски преземаат компјутерски игри треба да бидат претпазливи затоа што нивните компјутери може да станат туѓа алатка за рударење криптовалути.

BBC пишува дека на одредени форуми се нудат „бесплатни“ верзии на игри како што се GTA 5, NBA 2K19 и PES 2018, но дека тие не се обични пиратски верзии на игри, туку содржат малициозен софтвер наречен Crackonosh кој користи нечиј друг хардвер за рударење криптовалути и заработка ја праќа на сметката на хакерите.

На пример, кога некој ќе ја преземе пиратската GTA 5, компјутерот почнува да работи со поголем интензитет, да забавува и да троши повеќе енергија. Crackonosh исто така ги оневозможува сите безбедносни програми на вашиот компјутер, така што е исто така изложен на ризик од други вируси и малициозен софтвер.

Компанијата за интернет-безбедност Avast наведува дека пиратските верзии на игри се најчестиот начин на ширење на Crackonosh и дека тие бележат 800 случаи на „инфекција“ дневно. Според статистиката на Avast, хакерите досега имаат „ископано“ криптовалути во вредност од два милиони американски долари преку пиратски игри и хардверот на други луѓе.