Научниците од германскиот институт „Макс Планк“ со помош на магнетна резонаца за прв пат досега го снимија како изгледаат одредени биолошки процеси во телото, гледано одвнатре.
На каналот Youtube објавија три снимки со говор, пеење и работа на срцето, направени благодарение на најновата технологија за магнетна резонанца (MRI) што создава подвижни слики во реално време.
Еден од пионерите на магнетната резонанца, Јенс Фрам, професор на институтот, го разви системот FLASH2 што користи математички процеси за реконструкција на скеновите и подвижните слики.
Оваа техника значително го забрзува MRI скенирањето и овозможува прикажување до 100 слики во секунда, велат од институтот.
„Сега можеме да ги визуелизираме процесите што досега не сме можеле да ги видиме“, вели Фрам.