Бил Гејтс издаде сериозно предупредување за смртоносна болест која би можела да убие повеќе од 30 милиони луѓе за само неколку месеци. Имено, основачот на Microsoft верува дека смртоносна епидемија на грип би можела да ја погоди нашата планета и дека човештвото треба да биде подготвено за вакво сценарио, исто како што големите сили се подготвуваат за војни.
Милијардерот и филантроп рече дека постои голема веројатност за појава на смртоносна модерна пандемија што би можела да го погоди светот во текот на животниот век на оваа генерација, пишува Gizmodo.
Ова апокалиптично предупредување Гејтс го изнесе во петокот на научен собир во Масачусетс. Иако и порано зборувал на темата, Гејтс во оваа прилика внел многу сигурност во неговите зборови.
„Кажете им на светските лидери дека се гради оружје што може да убие 30 милиони луѓе – веднаш ќе има реакции и подготовки против таквата можна закана, но во случај кога станува збор за биолошка закана, изостанува енергична реакција“, рече од најбогатите луѓе во светот.
Забележувајќи дека тој е обично оптимист, Гејтс наведе дека постои една област во која светот не прави доволно за да постигне напредок, а тоа, според него, е подготвеноста за епидемии.
„Потребна е подобра комуникација меѓу воените и владините организации во потрагата по одговори. Владите во светот треба да можат брзо да му помогнат на приватниот сектор да развие технологија и алатки против смртоносните болести“, додаде познатиот бизнисмен.
Во обид да го направи светот свесен за заканите за кои често зборува, Гејтс се состана со Доналд Трамп во март. Тој се обиде да го убеди претседателот да се откаже од својот план за независна истрага за безбедноста на вакцините.