Facebook во изборот на своите апликации за iPhone и андроид-телефоните ја додаде новата опција „Protect“. Ако ја активирате, таа ќе ве одведе директно до продавницата за апликации „Onavo Protect“, чиј сопственик е Facebook.

Марк Цукерберг и неговиот тим ја купиле компанијата „Onavo“ од Израел во 2013 година. Оттогаш користеле податоци кои биле собрани од тој сервис за да ги следат начините на кои луѓето користат апликации на нивните мобилни телефони дури и кога не го користат Facebook. Така, на пример, дознале како користењето на Snapchat почнало да опаѓа откако Facebook ја воведе опцијата за Instagram Stories, што е копирана од таа апликација. „Onavo“ е наводно заслужна и за додавањето на опцијата за групен видеоразговор на Messenger.

„Onavo“ е виртуелна приватна мрежа. Таквите апликации овозможуваат пренасочување на сообраќајот на интернет преку веб-сервери на надворешни доставувачи, за да се маскира тоа што го правиме додека сурфаме на интернет.

Може да се прикаже како вашиот компјутер се наоѓа на друга локација од реалната, како и да се заштити сообраќајот на интернет со шифри, поради што е потешко да се шпионира. За услугите од многубројните такви сервиси, потребно е да се плати, иако има и неколку бесплатни.