Почнувајќи од денес, Google ќе ги избрише сите стари и неактивни Google сметки, односно оние што не биле користени најмалку две години.
Така, g-mail и други содржини како што се фотографии, записи во календарот, контакти и документи од дискот ќе бидат избришани, во согласност со новата политика на компанијата. Чистењето на целиот систем има за цел да ги заштити корисниците од безбедносни закани, како што се спам, фишинг измами и кражба на сметки, објаснува Google.
Google ги брише неактивните сметки од својот систем бидејќи, како што велат, „поголема е веројатноста да бидат компромитирани“.
Ненадгледуваните сметки често се потпираат на стари или повторно употребени лозинки, имаат помалку безбедносни проверки од корисниците и 10 пати поголема е веројатноста дека нема да имаат поставено двофакторна автентикација, покажуваат внатрешните податоци на Google.
Кога сметката е компромитирана, „може да се користи за се, од кражба на идентитет до спам или дури и злонамерна содржина“, се вели во соопштението на компанијата за промената на политиката.
Google ќе започне со укинување на неактивни сметки на 1 декември 2023 година, според известувањето што тие самите го објавија на страницата. Ќе започне со елиминирање на сметките што луѓето ги создале, а потоа никогаш повеќе не ги посетиле.
Според новата политика на Google, „ако сметката на Google не била користена или најавена најмалку 2 години, сметката и нејзината содржина, вклучително и содржината во Google Workspace (Gmail, Docs, Drive, Meet, Calendar) и Google Photos“ можат да бидат избришани.
Сепак, новите правила важат само за личните сметки на Google, што значи дека училишните или работните сметки не се засегнати. Дополнително, Google нема да ги отстрани сметките што прикачувале видеа на YouTube или имаат активни претплати на апликации или услуги за вести, според новата политика на компанијата.
Пред бришењето, корисниците ќе добијат „повеќе известувања“ дека нивните сметки ќе бидат укинати пред тоа навистина да се случи, се вели во соопштението на компанијата.