Апликацијата WhatsApp ќе им овозможи на корисниците да уредуваат пораки во рок од 15 минути од испраќањето.
Оваа новина се воведува со цел апликацијата да биде во чекор со своите конкуренти – апликациите Viber, Telegram и Signal, јавува Би-Би-Си.
WhatsApp е дел од американскиот гигант Мета, кој ги поседува и Facebook и Instagram.
„Од корекција на едноставна правописна грешка до додавање дополнителна содржина на пораката, возбудени сме што ќе ви донесеме поголема контрола врз вашите разговори. Сè што треба да направите е долго да притиснете на испратената порака и да изберете „Уреди“ од менито до 15 минути по испраќањето на пораката“, велат од компанијата.
Изменетите пораки ќе бидат означени како такви, така што примателите ќе можат да видат дека содржината е изменета.
Услугата ќе биде достапна за сите во следните неколку недели.
Минатата година, Твитер платформата на Илон Маск објави дека на своите претплатници им дава можност да ги уредуваат своите твитови неколку пати во рок од 30 минути по објавувањето.