Премиерот Фумио Кишида изјави дека Јапонија, како претседавач на овогодинешните состаноци на Групата седум, ќе се обиде да ги води меѓународните напори за воспоставување правила за употреба на вештачка интелигенција.
Ветувањето доаѓа додека владите се обидуваат да ги искористат предностите на технологиите кои брзо се развиваат како што е AI бот ChatGPT, а истовремено да ги ублажат ризиците за приватност и да се осврнат на другите проблеми, пренесува новинската агенција Кјодо.
„AI има потенцијал позитивно да ги промени економијата и општеството, но исто така носи и ризици. Треба соодветно да одговориме на двете“, рече Кишида на првиот состанок на владиниот панел на кој се разговараше за стратегијата за вештачка интелигенција.
„Императив е Јапонија, како претседавач со Г-7, да го преземе водството во промовирањето на заедничкото разбирање и воспоставувањето правила“, додаде тој.
Се очекува панелот, со кој претседава Јутака Мацуо, професор на Универзитетот во Токио, во кој учествуваат академици, деловни луѓе и владини претставници, да разгледа како ефикасно да се користи и регулира вештачката интелигенција.
Четботите се софтверски апликации способни да користат и обработуваат огромни количини на податоци од Интернет и други извори, врз основа на кои симулираат разговори со корисниците.
Меѓу нив, ChatGPT, кој беше развиен од компанијата OpenAI во ноември 2022 година како прототип, привлече глобално внимание.
Тој е кратенка за Chat Generative Pre-trained Transformer и се напојува со машинско учење што работи со имитација на процесите во човечкиот мозок.
Но, постои и загриженост дека давателот на услугата собира огромни количини лични податоци без овластување.
Кишида ќе биде домаќин на самитот на Г-7 меѓу 19 и 21 мај во Хирошима, на кој ќе им се придружат и лидерите на Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија и САД, плус Европската унија.
Ова уследи по минатомесечниот состанок на нивните министри за технологија во Јапонија, каде што тие се согласија да постават меѓународни стандарди за да се обезбеди одговорна употреба на вештачката интелигенција.