Новиот телефон Nokia 1.4 го надминува својот претходник во однос на големината на екранот и капацитетот на батеријата. Уредот има малопродажна цена од 99 евра и од денеска ќе се нуди на глобално ниво.

Најголемата промена во однос на претходниот модел е новиот дисплеј. Станува збор за панел од 6,51 инчи со 720p+ резолуција (формат 20:9). За споредба, Nokia 1.3 имаше 5,71- инчен дисплеј. Батеријата сега е со капацитет од 4000mAh, наспроти 3000mAh на претходниот модел. HMD Global ветува два дена траење на батеријата со едно полнење.

Телефонот од старт користи Android 10 Go Edition и е подобен за надградба на Android 11 Go, кој е во подготовка. Уредот го покренува Qualcomm 215 чипсет.

Основната конфигурација се состои од 1GB RAM и 16GB простор за складирање, додека најмоќниот модел има 3GB RAM и 64GB простор. Слотот за microSD картички официјално поддржува картички до 128GB, додека Android Go сам по себе има одлични алатки за управување со просторот на складирање.

На задната страна на уредот се наоѓа 8MP главна камера и 2MP макро сензор, а на камерите им се приклучува и сензорот за отпечатоци од прсти. Nokia 1.4 има два nano-SIM слота и поддршка за LTE Cat. 4 конекција. Тука се и Wi-Fi b/g/n, Bluetooth 4.2 и GPS поддршка.