Американската вселенска агенција НАСА забележала егзопланета со големина на Земјата која орбитира околу мала ѕвезда оддалечена околу 100 светлосни години.
Планетата, наречена TOI 700 e, веројатно е карпеста и речиси со иста големина како нашата планета (95 проценти). Небесното тело ја претставува четвртата откриена планета која орбитира околу малата, студена џуџеста ѕвезда М TOI 700. Сите планети беа откриени од страна на транзитниот сателит за истражување на егзопланети на НАСА, или мисијата TESS.
Друга планета од истиот систем, која беше откриена во 2020 година и наречена TOI 700 d, исто така е слична по големина на Земјата. Двете егзопланети се наоѓаат во зоната на живеење на нивната ѕвезда, односно на растојание што потенцијално овозможува постоење на вода на површината. Можноста за вода значи дека планетите би можеле да бидат погодни за живеење или некогаш биле.
Откривањето на новата планета беше официјално потврдено на 241 состанок на Американското астрономско друштво.
Мали, ладни, M џуџести ѕвезди како TOI 700 се вообичаени во универзумот, а многумина се домаќини на егзопланети како системот TRAPPIST-1 со седум егзопланети кои ќе бидат набљудувани од вселенскиот телескоп James Webb.
Најблиску до ѕвездата е планетата TOI 700 b, која е 90 проценти од големината на Земјата и завршува една брза орбита околу ѕвездата на секои 10 земјини денови. Постои и TOI 700 c, кој е 2,5 пати поголем од Земјата и патува околу ѕвездата за 16 дена. Овие планети веројатно се „заклучени“ така што секогаш се свртени кон ѕвездата од истата страна, исто како што Месечината секогаш е свртена кон Земјата од истата страна.
Две егзопланети во зоната погодна за живот на ѕвездата, планетите d и e, имаат подолги орбити кои траат соодветно 37 и 28 дена. Причината е што се подалеку од ѕвездата. Новооткриената планета всушност се наоѓа помеѓу овие две.
Мисијата TESS започна во 2018 година и надгледува делови од ноќното небо 27 дена, односно најсјајните ѕвезди додека ги следи нивните промени во осветленоста. Намалувањето на светлината укажува на планети кои орбитираат додека минуваат пред нивните ѕвезди, наречени транзити.
Мисијата почна да го набљудува јужното небо во 2018 година, а потоа се сврте кон северното небо. Во 2020 година, мисијата повторно се фокусираше на јужното небо за дополнителни набљудувања и ја откри четвртата планета во системот TOI 700.