Можна поевтина, но поефикасна алтернатива за литиум во производството на батерии би можела да биде морската сол. Батериите со морска сол имаат четири пати поголем капацитет од литиумските батерии.
Истражувачите веќе развија таква батерија која е направена од натриум-сулфур. Тоа е хемиско соединение кое може да се обработи од морска вода. Таквата батерија не само што е поевтина, туку е и поеколошка од постојните батерии.
Главниот истражувач Шенглонг Жао од Универзитетот во Сиднеј верува дека оваа батерија може да биде пресвртница во обновливите извори на енергија. Сепак, истакна тој, постојат неколку финансиски бариери за развој на батерии со морска сол.
Важноста на батериите
Со оглед на тоа дека планетата станува се потопла, се зголемува потребата да се префрлиме на обновливи извори на енергија, како што се ветерот и сонцето. Сепак, имајќи предвид дека обновливите извори на енергија не се толку конзистентни, постои потреба од складирање на енергија, за што се користат батериите.
Многу батерии кои моментално се достапни се направени од ретки метали, како што се литиум, графит и кобалт. За да може Европската унија да постигне климатска неутралност, до 2030 година ќе треба да троши 18 пати повеќе литиум, а до 2050 година речиси 60 пати повеќе.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во септември минатата година изјави дека литиумот и ретките метали наскоро ќе бидат исто толку важни како нафтата и гасот. Сепак, овие метали имаат своја цена. Ископувањето на литиум може да резултира со недостиг на вода, уништување на биолошката разновидност, уништување на екосистемите и загадување на почвата. Покрај тоа, експлоатацијата е многу скапа. Затоа, се очекува алтернатива да бидат батериите со морска сол.
Што се батерии со морска сол?
Овие батерии не се нешто сосема ново. Како концепт постојат 50 години, но не беа достојна алтернатива поради краткиот период на употребливост. Но, батериите со морска сол што сега се развиваат се различни.
Истражувачите ги модифицирале електродите за да ја подобрат реактивноста на сулфурот – клучен елемент за капацитетот за складирање енергија. Резултатот е батерија со „супер-висок капацитет и ултра долг животен век на собна температура“, објаснија истражувачите од Универзитетот во Синдеј. Имајќи предвид дека морската сол е сеприсутна, батеријата со морска сол би можела да биде исплатлива алтернатива на литиум-јонските батерии.
„Кога сонцето не сјае и ветрот не дува, ни требаат висококвалитетни решенија за складирање на енергија кои не ѝ штетат на Земјата и се лесно достапни на локално и регионално ниво“, истакна професорот Жао.
Според него, користењето на сеприсутните ресурси гарантира поголема енергетска сигурност и овозможува повеќе земји да тргнат кон декарбонизација. Намерата на истражувачите е да ја подобрат и комерцијализираат батеријата од морската сол, пишува Euronews.