Иран се заканува дека трајно ќе ги блокира комуникациската платформа WhatsApp и социјалната мрежа Инстаграм, кои се многу популарни во земјата, пишува германската агенција dpa.
Американската интернет компанија Мета, сопственик на Facebook, WhatsApp и Instagram, засега не одговорила на писмото што иранските власти го испратиле на почетокот на декември, во кое бараат да отвори претставништво во земјата и да ја прилагоди својата насоки за прописите на Исламската Република.
„Ако Мета не одговори на нашето писмо, тоа би можело да биде увертира за постојана блокада“, рече шефот на иранскиот национален сајбер центар, Аболхасан Фирузабади, во интервју за весник објавено во саботата.
Иранските безбедносни сили веќе ги блокираа Инстаграм и WhatsApp поради протестите кои траат веќе три месеци. Според Техеран, овие апликации се вклучени во „заговор против Иран, предводен од странски непријатели“.
Вака иранското раководство ги опишува повеќемесечните протести против владата ширум земјата во кои загинаа неколку стотици луѓе. Иран има намера да преземе правни чекори против Мета. Критичарите на иранскиот систем масовните ограничувања на пристапот до интернет и блокирањето на апликациите ги сметаат за обиди да се спречи ширење на информации, фотографии и видеа за протестите.
На новинарите не им е дозволено самостојно да известуваат за протестите. Новинарите кои ја игнорираа цензурата беа уапсени, а десетици од нив се уште се во затвор.