HP најави нов Chromebook кој е малку поинаков во однос на сите досегашни модели. Имено, Chromebook x2 како што му е официјалното име доаѓа во два дела, поточно може да се одвои екранот од тастатурата, па да се користи и како таблет.
Покрај последната верзија на оперативниот систем Chrome, уредот има поддршка и за Android апликации од Google Play. Chromebook x2 е опремен со 12,3-инчен екран со резолуција од 2.400 x 1.600 пиксели и седма генерација на процесорот Intel Core. Екранот е заштитен од оштетувања со Gorilla Glass 4 стакло.
Уредот има 4 GB RAM и 32 GB интерен простор за чување податоци. Корисниците кои имаат потреба од подобри перформанси, ќе можат при купување да изберат модел и со 8 GB RAM. Во двата случаи станува збор за LPDDR3 меморија. Просторот за складирање податоци може и дополнително да се прошири преку мемориска картичка (microSD до 256 GB). Дополнително, секој купувач добива и 100 GB бесплатен простор на Google Drive во рок од две години.
За добар звук, HP додаде и стерео звучници со B&O Play технологија. На предната страна се наоѓа камера со резолуција од 5 MP, a на задната камера од 13 MP.
Дебелината на самиот таблет е 8,2 милиметри, а со додаток на тастатурата таа се зголемува на 15,3 милиметри, а тежината од 734 грама на 1,42 килограми. Бидејќи екранот е чувствителен на допир, HP обезбеди и поддршка за дигитално пенкало. Почетокот на продажбата е најавен за 10. јуни со почетна цена од 599,99 долари.