Познавачите на автомобили го ценат Porsche, првенствено поради спортските модели, но SUV делот е тој што носи пари.
Macan и Cayenne со години се лидери кога станува збор за продажбата на автомобилите на Porsche, а резултатите треба дополнително да се подобрат со доаѓањето на новата генерација чисто електрични Macan во 2023 година. На крилата на успехот на моделот со зголемен клиренс и преовладувачките трендови на електрификација, тимот од Куфенхаузен подготвува уште еден EV SUV, пишува Automotoshow
Говорејќи на денот на Porsche Capital Markets, одржан во центарот за истражување и развој во Вајсах, шефот на компанијата, Оливер Блуме, го најави проширувањето на палетата: „Планираме да додадеме нов, луксузен, чист електричен SUV во нашето атрактивно портфолио“.
Новодојденецот ќе биде склопен во фабрика во Лајпциг, и додека деталите се уште се непознати, следнава изјава сугерира дека ќе биде поголем и поскап од Macan EV:
„Овој нов модел дополнително ќе ги прошири нашите позиции во сегментот на луксузни автомобили. Она што го таргетираме се категории со повисоки маржи, во кои сакаме да ги искористиме можностите за продажба“.
Со овој нов, поголем електричен SUV, претстојниот Macan EV и моделите со нулта емисија 718, Porsche е на пат да ја постигне својата цел повеќе од 80 отсто од продажбата да оди на електрични автомобили до 2030 година. Новиот модел можеби има, а можеби и нема врска со извештајот од ноември 2021 година, кога на дилерите им беше дозволено да го разгледаат порано новиот SUV.
Според гласините, станува збор за автомобил кој е „дел седан, дел кросовер“, со гламурозен профил и без стилските елементи што ги дели со Macan и Cayenne. На дилерите тогаш им беше кажано дека има plug-in хибриден погон, а целосно електричен агрегат доаѓа малку подоцна. Ако имаме работа со истиот модел, тоа би можело да значи дека проектот нема никаква врска со проектот Artemis на групацијата VW.
Имено, Automobilwoche на почетокот на оваа година објави дека Porsche е подготвен да го откупи договорот со плаќање 100 милиони евра, за да создаде нов електричен автомобил во куќата. Според првичниот план, овој модел требаше да биде склопен во Хановер од VW Commercial Vehicles.
Извештајот дополнително прецизира дека Porsche на крајот ќе го произведе ова возило во Лајпциг, што е во согласност со изјавата што Блуме ја даде за време на денот на Porsche Capital Markets. Наместо да се базира на проектот Artemis, новодојдениот се очекува да почива на PPE платформата што заеднички ја развија Porsche и Audi. Електричната архитектура на Premium Platform ќе дебитира во 2023 година со Macan EV и Q6 e-tron.