Цената од 1000 долари стана вообичаена за модерните, flagship телефони, особено кога се во прашање моделите на Apple и Samsung. Дури и некои други производители се повеќе ги нудат своите уреди по оваа, па дури и значително повисока цена.
Според неодамнешната анализа на Mozillion (онлајн продавници за мобилни телефони), доколку овој тренд на раст на цените продолжи и во следните 10 години, најсилниот iPhone би можел да достигне цена од 6.000 долари.
Иако изгледа неверојатно дека ќе потрошиме толку многу пари на нов телефон, компанијата анализираше како еволуирале цените во последните 10 години. Целта е да се утврди колку би можел да чини новиот телефон во 2032 година.
Mozillion дојде до овој заклучок, имајќи предвид дека цената на iPhone порасна од 199 долари во 2012 година (да, толку чинеше iPhone 5 пред 10 години), на 1.099 долари за iPhone 13 Pro Max во 2022 година.
Тоа значи дека цената на iPhone забележа рекорден раст од 452 отсто, а според пресметките, iPhone би можел да чини 6069 долари во 2032 година.
Според истите анализи и пресметки, телефоните на Самсунг ќе бидат значително попристапни бидејќи се очекува да забележат поскапување од „само“ 184 проценти.