Германскиот производител на оружје Rheinmetall го претстави својот нов главен борбен тенк на саемот во Париз.

Тенкот е претставен под името Panther KF51 и на некој начин е потсетник на средниот германски тенк PzKpfw V од Втората светска војна.

Новиот тенк има нов топ со калибар 130 мм, „оптимална врска сензор-стрелец“, а се потпира на дигитални системи за контрола на бојното поле.

Panther со изгледот потсетува на семејството главни борбени тенкови наречени Leopard 2, но Rheinmetall тврди дека станува збор за „радикално нов тенк“, односно „концепт кој не е ограничен со вчерашната технологија“.

„Ова е првиот главен борбен тенк кој е целосно развиен од Rheinmetall и ќе стане главен играч на идните боишта. Panther го оживеа концептот на главен борбен тенк кој не е ограничен на карактеристиките на постоечките тенкови. Дизајниран е „од нула“ така што лесно може да се надградува и да се опреми со најновите можности и функции“, велат од компанијата.

Новиот тенк има класична рамка, но во иднина би можел да добие куполи без екипаж и да се истакне во комбинацијата човек-машина.

„Panther KF51“ е дизајниран да контролира беспилотни летала како дронови и низа копнени возила без екипаж“, се вели во соопштението на Rheinmetall.