Европската унија работи на можна забрана за обезбедување cloud услуги за компјутери во Русија, како дел од новата рунда санкции поради воената акција на Москва во Украина, изјави вчера претставник на ЕУ за Ројтерс, истакнувајќи дека мерката е технички сложена.
Доколку се воведе мерката, не е јасно како забраната на ЕУ би се одразила на Русија, бидејќи најголеми даватели на облак услуги во Европа се американските компании, меѓу кои Amazon, Google и Microsoft.
Минатата недела Брисел усвои нов пакет санкции против Русија и Белорусија, кој вклучуваше ембарго на нафта, рестриктивни мерки за руските банки и забрана за давање консултантски услуги за Москва.
Во првичната верзија на соопштението на Советот на ЕУ за санкциите, објавено на 3 јуни, се споменува и забрана за облак компјутерски услуги, но подоцна е изменета и избришана, наведува британската агенција, додавајќи дека мерката не се појавува ниту во текстовите на законот објавени во Службениот весник на ЕУ.
Портпаролот на Советот рече дека споменувањето на забраната за облак услуги во првата изјава е „материјална грешка“ и одби да каже дали отстранувањето на мерката можеби било под влијание на полемиката по тоа прашање меѓу земјите-членки на ЕУ.
Неименуван претставник на ЕУ, соговорник на Ројтерс, рече дека Европската комисија никогаш не предложила таква мерка, но додаде дека Брисел работи на можна забрана за облак услуги за Русија во следните рунди на санкции, и покрај тоа што е технички тешко.