Научниците во Кенија откриле остатоци од џиновски лав кој бил висок речиси два метра, што го прави најголемиот ѕвер од семејството мачки. Тие веруваат дека овој огромен ѕвер се хранел со големи тревопасни животни, а се проценува дека живеел пред 200.000 години во источниот дел на Африка.
Ова најверојатно е изумрен вид лав, кој бил значително поголем од сите до сега познати. Меѓународен тим на палеонтолози ги открил остатоците во Натомедеријата во северна Кенија. За да се пресмета големината на животното, кое било многу поголемо од модерните лавови, научниците користеле остатоци од забите и черепи.
„Овој череп е првиот доказ за постоењето на популацијата на џиновски лавови во средината и крајот на плеистоценот во источна Африка“, пишува во трудот на научниците кои ги откриле фосилите.
Черепот е со огромна големина, поголема од черепите на најголемите пештерски лавови во евроазискиот плеистоцен, и многу поголем од черепот на сите постоечки видови лавови. Современите лавови прво се појавиле на југот и истокот од Африка, пред да еволуираат во две групи. Едните сега живеат на југот на Африка, додека другите припаѓаат на лавови во западна Африка и во Индија.