Холандија се подготвува да го замени целиот возен парк на владини возила со електрични автомобили, но тамошните политичари не сакаат да се откажат од постоечките лимузини. Постојано измислуваат нови изговори.
Холандија е позната како највисоката нација во светот. Просечниот граѓанин на оваа земја е висок речиси 183 сантиметри, додека дури и секој петти жител е висок преку 190 сантиметри.
На таквите високи луѓе им требаат пространи автомобили. Особено кога се возат на задните седишта.
Во земјата на лалињата и ветерниците, електричните автомобили се доста популарни. Сè повеќе ги има на улиците… но не во државните возни паркови.
Затоа, планот беше што поскоро да се замени возниот парк на постоечки возила со мотори со внатрешно согорување со електрични автомобили. Но, засега ништо од тоа.
Реализацијата на плановите е одложена за 2028 година. Зошто?
Има неколку аргументи. Во моментов има „ограничен број електрични автомобили“ на пазарот кои нудат доволно простор за нозете и главата на задните седишта и прилагодливи седишта или потпирачи за грб, заклучија холандските политичари.
Сепак, дали е тоа толку важно во случајот на патувањата на политичарите кои и онака избираат авион за подолги релации? Беа споменати и некои други причини.
Како што се наведува, од еколошки аспект најдобро би било да се искористи она што веќе го имаат во возниот парк. Дополнително, автомобилот за превоз на важни политичари мораат да имаат можност брзо да го одвезат од местото каде што станало „премногу жешко“, односно каде што има одредена безбедносна закана.
Тоа значи дека мора да има голема батерија која брзо се полни, што значи дека тежината на возилото дополнително се зголемува, а со тоа се намалува економичноста и ефикасноста во работењето.
Најважниот аргумент се однесува на тежината на празното возило. Електричните автомобили се веќе претешки.
Во случај на автомобили што се користат во министерствата, некои примероци треба да бидат дополнително блиндирани. А поголемата тежина дополнително ја намалува автономијата на возење.