Деветта година по ред, Македонија се вклучува во одбележувањето на најголемата светска еколошка акција Часот на планетата Земја, кога во 20:30 часот по локално време, во период од еден час во мрак ќе потонат над 180 земји и 7000 града ширум светот.
Како што акцијата ќе патува низ часовните зони, милиони луѓе ширум светот преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час ќе испратат порака за спас на планетата Земја, заеднички да ги промениме климатските промени, но и да ги освестиме луѓето за проблемот поврзан со намалување на биодиверзитетот!
„Додека глобалната биолошка разновидност се намалува со невидена стапка, Часот на планетата Земја оваа година ќе ги фокусира своите напори да поттикне поддршка за акција за биодиверзитетот и природата под мотото „Поврзи се со планетата“, односно #Connect2Earth“ – вели Ѓорги Селков, од канцеларијата на Часот на планетата Земја во Македонија.
Како и климатските промени во минатото, и намалувањето на биодиверзитетот се чини како апстрактна именка, но ова треба да се промени и затоа акцијата оваа година се фокусира токму врз оваа проблематика. За таа цел, оваа година има повеќе активности под мотото „Поврзи се со планетата“. Една од тие е дневниот настан кој ќе се одржува на 24 март насловен „Дрвца за планетата Земја“ преку кој ќе бидат засадени илјадници дрва во скоро сите локации кои истата вечер ќе потонат во мрак за Часот на планетата Земја. Освен во централното градско подрачје, илјадници дрва ќе бидат засадени и во Куманово, Велес и Радовиш.
Оваа година има рекорден број на локации кои ќе потонат во мрак за Часот на планетата Земја, односно преку 80 локации потврдени низ целата република.
Централниот настан и оваа година ќе биде на плоштад Македонија, каде заедно со волонтерите на Црвениот крст, инаку наши редовни партнери, ќе биде испишано логото на акцијата 60+ со петстотини свеќи.
Во еколошкиот мрак, поддржано од ЕВН Македонија, ќе има и акустичен концерт на нашата млада позната пејачка Теа Трајковска, а присутните посетители ќе имаат можност да добијат флуоросцентна алка и флуоросцентен цртеж на своето лице и да ни се приклучат во одбележувањето на Часот на планетата Земја.
ЕВН Македонија традиционално повторно се вклучува во одбележувањето на глобалната акција – Часот на планетата Земја. Кога центарот на Скопје ќе потоне во мрак, посетителите на плоштадот ќе уживаат во акустична музика и забава во боја. Преку сите расположливи канали за комуникација, ЕВН континуирано ги едуцира корисниците за значението и начините за заштеда на електрична енергија. Вклучувањето во оваа акција е во насока на нашите сеопфатни напори, кои вклучуваат проекти за директна комуникација и едукација на корисниците, но и мултимедијални едукативни кампањи.“ – вели Атанас Ковачевски од ЕВН Македонија.
За крај пораката e – МАКЕДОНИЈА, ВКЛУЧИ СЕ ВО АКЦИЈАТА И ИСКЛУЧИ ГИ СВЕТИЛКИТЕ ОВАА САБОТА ВО 20:30 ЧАСОТ!