Руското регулаторно тело за медиуми Роскомнадзор денеска официјално го вклучи Instagram во листата на забранети страници. По блокирањето на пристапот до Facebook и Twitter, во Русија од денеска веќе не може да се пристапи ни на Instagram.
Instagram и други мрежи и независни медиуми беа блокирани по барање на државното обвинителство.
Пред три дена Meta објави дека Facebook и Instagram ќе им дозволат на своите корисници во некои земји да повикуваат на насилство против Владимир Путин и руските војници.
Како одговор на тој потег, Русија ги повика САД да престанат со „екстремистичките активности“ на оваа компанија. Соопштението дојде откако „Ројтерс“ ги објави интерните пораки на Мета во кои се истакнува промената во политиката на компанијата.
„Во светло на инвазијата на Украина, направивме привремен исклучок од правилото за сите погодени од војната да ги изразат своите чувства кон окупаторските воени сили“, изјави портпаролот на Мета за Би-би-си. Според новата регулатива, на корисниците во Русија, Украина и Полска ќе им биде дозволено да повикаат на смрт на рускиот претседател Владимир Путин и неговиот белоруски колега, Александар Лукашенко.