Се ближи моментот кога Apple ќе им понуди на купувачите нови Mac модели со долго очекуваната M2 генерација на процесори. Првата генерација беше вистинско изненадување во позитивна смисла, па љубителите на добриот хардвер и посебно уредите на Apple со голем интерес го очекуваат новиот M2 процесор. Најпрвин ќе се појават 13-инчниот MacBook Pro, новиот Mac Mini и 24-инчниот iMac, а потоа редизајнираниот MacBook Air, еден од најдобрите ултрабук модели на денешницата.

Apple до ден денес остана таинствен по прашањето за M2 процесорите, но претпоставките на добро информираните аналитичари го поддржуваат фактот дека првите модели на M2 ќе имаат архитектура со 8 јадра и секако подобри перформанси во однос на претходникот M1. Ќе се подобри и интегрираниот графички адаптер, кој ќе биде засилен со 10 извршни јадра. Потоа следува излегувањето на M2 Pro и уште помоќните верзии на M2 Max процесорот. После тоа, реално е да се очекува дека Apple ќе излезе во јавност со првите информации и најави за излегувањето на М3 генерацијата во текот на 2023 година.

Помина нешто повеќе од една година откако Apple го претстави првиот сопствено дизајниран M1 SoC, напуштајќи ги решенијата на двата најголеми производители на пазарот: Intel и AMD. Тоа беше посебно болно за производителот од Санта Клара. Apple нема намера да запре и всушност се повеќе се дистанцира од Intel, па во догледна иднина целосно ќе ги елиминира моделите со процесори на Intel. Ова првенствено се однесува на 27-инчниот iMac Pro, како и на помалите Mac Pro модели кои наскоро ќе пристигнат во конфигурација од два или дури четири M1 MAX процесори. Најмалиот Mac Mini ќе биде надграден со верзијата M1 Pro, а се очекува и модел базиран на новиот M2 процесор.

Во текот на оваа година, на пазарот ќе почнат да се појавуваат нови модели на Mac, а првите уреди се очекуваат во текот на март, потоа во мај и нешто подоцна во јуни. Дополнително, Apple има намера да ги објави 5G верзијата на iPhone SE, како и надградениот iPad Air. Заедно со нив ќе пристигне и нова верзија на оперативниот систем iOS 15.4. Конечно, кон крајот на годината, се надеваме на објавување на паметните iPhone 14 моделите и Apple Watch од серијата 8.