Земјата и Месечината се две светли точки што лебдат во огромната црна празнина – оваа слика била направена од вселенското летало „ОСИРИС-РЕкс“ на 17 јануари на растојание од 63,6 милиони километри.
Но всушност не станува збор за празнина, можете да видите и други работи на фотографијата, ако гледате доволно долго.
„Видливи се неколку соѕвездија и во околниот простор“, велат официјалните лица на НАСА во описот на сликата, објавена на 14 февруари. „Светлиот збир на ѕвезди во горниот лев агол се Плејади во соѕвездието Бик. Хамал, најсјајната ѕвезда во Риби, се наоѓа во горниот десен агол на сликата. Системот Земја-Месечина се наоѓа во средината на пет ѕвезди што ја сочинуваат главата на соѕвездието Кит.
Мисијата „ОСИРИС-РЕкс“, вредна 800 милиони долари, беше лансирана во септември 2016 година со задача да извлече примероци од потенцијално опасниот астероид Бену и да ги врати на земјата. Сондата ќе го проучува Бену од орбитата некое време, а потоа ќе се спушти и ќе извади примерок во јули 2020 година.
Ако работите одат според планот, овој примерок ќе биде вратен на Земјата во септември 2023 година, затворен во канистер што ќе биде спуштен со падобран во пустината Јута.
Научниците од мисијата се надеваат дека сондата ќе им каже нешто повеќе за улогата на темните, примитивни астероиди богати со јаглерод, како што е Бену, во поставувањето градежни блокови на живот на Земјата. Набљудувањето на сондата исто така треба да биде од корист за идните рудари на астероиди.