Автомобилите на Tesla со најновиот ажуриран софтвер, верзија 10.3, постојано издавале предупредувања за опасност пред возилото кога немало непосредна опасност
Tesla во неделата ја поништи најновата верзија на својот бета-софтвер за целосно самостојно возење (Full Self-Driving – FSD), помалку од еден ден по лансирањето, откако корисниците се пожалиле на лажни предупредувања за несреќа и други проблеми.
Овој неуспех доаѓа затоа што Tesla е под зголемена контрола од американскиот регулатор во однос на безбедноста на технологијата за полуавтономно возење, која компанијата ја нарекува FSD.
„Увидовме некои проблеми со новиот софтвер 10.3, така што привремено се враќаме на 10.2“, напиша извршниот директор Илон Маск во објава на Twitter.
Автомобилите на Tesla со најновиот софтвер 10.3 постојано издавале предупредувања за опасност пред возилата кога немало непосредна опасност додека некои возила автоматски сопирале без причина, велат корисниците во објавите на социјалните мрежи. Некои корисници рекле дека дури и целосно го изгубиле FSD софтверот откако имале проблеми со последната итерација.
Американската Национална управа за безбедност на сообраќајот на патиштата (NHTSA) во август отвори официјална безбедносна истрага за автопилот системот на Tesla на 765.000 возила во САД по серијата несреќи во кои беа вклучени моделите на Tesla и амбулантни возила.