Според новиот извештај за мобилност на Ериксон, Европа заостанува далеку зад многу други региони кога станува збор за усвојувањето на 5G, и многу корисници се уште се потпираат на 3G претплатата за мобилни телефони.
Главната причина за заостанувањето на Европа во проширувањето на 5G мрежата секако е притисокот од Соединетите американски држави да ја прифатат нивната позиција да го блокираат Huawei и другите кинески провајдери, односно да ја протераат кинеската опрема од Европа и да го блокираат најголемиот светски производител на комуникациска опрема и лидерот во градењето 5G мрежи во светот, за учество на тендери за изградба на мрежи од нова генерација.
Сепак, ситуацијата со проширувањето на 5G не е иста во сите земји на Стариот континент. Најдобар пример е Германија, која се спротивстави на притисокот да го блокира Huawei и успеа да ја наметне оваа позиција на ниво на Европската унија. Притисокот да се блокира Huawei не беше прифатлив ниту за најголемите телекомуникациски оператори во Германија – Deutsche Telekom, Vodafone and Telefonica, кои долги години имаа одлична соработка со Huawei.
Најразвиената европска земја го реши проблемот со усвојување на построги безбедносни барања, односно безбедносни стандарди, кои ќе треба да ги исполни секој што сака да инсталира 5G во Германија.
„Не создаваме насоки за поединечни понудувачи. Затоа Huawei ќе мора да ги исполни сите стандарди што важат за другите компании”, рече германската канцеларка Ангела Меркел.
Претходно, владејачките партии во Германија (CDU, CSU, SPD) усвоија документ за 5G во кој, меѓу другото, се наведува дека е подобро да има повеќе снабдувачи за да избегне зависноста, и дека може да се забрани употреба на компоненти од снабдувачи доколку се утврди дека тоа е од јавен интерес, во врска со безбедносната политика на Германија.
Huawei го поздрави потегот на германската влада да обезбеди еднакви услови за сите оние кои сакаат да воспостават 5G мрежа.
„Единствените стандарди се вистинскиот начин да се обезбеди фер конкуренција. Покрај тоа, ‘политизацијата на сајбер-безбедноста’ го кочи технолошкиот развој. Huawei ќе продолжи да работи транспарентно со регулаторите, клиентите и организациите за да ја осигура безбедноста на мобилните мрежи”, беше наведено од компанијата.
Токму поради ваквиот став, Германија денес е лидер на имплементација на 5G во Европа. Мрежата од новата генерација на најголемиот германски оператор Deutsche Telekom, според податоците објавени претходно оваа година, е достапна за дури 40 милиони Германци. На тој начин, половина од германското население може да користи 5G мобилна мрежа – што е малку нереално кога ќе се погледне развојот на 5G мрежите во другите земји. Паралелно со Deutsche Telekom, Vodafone Германија исто така се вклучи во развојот на 5G инфраструктурата. До крајот на 2021 година, компанијата планира да опфати преку 20 милиони корисници со 5G. Telefonica, исто така, се вклучи во борбата за корисници на 5G во Германија и досега ја направи достапна 5G мрежата во десетголеми германски градови.
За разлика од многу европски земји, Северна Македонија се уште заостанува со воведувањето на 5G мрежа. Јован Павловски, експерт за сајбер безбедност, вели дека изградбата на национален безжичен систем е неизбежна и треба да обезбеди квалитет, зголемена брзина и поголема можност за пренос на податоци.
Тој додава дека поради пандемијата, многу компании избираат опција да работат од дома, но работата стана подинамична и затоа е важно да се има брза технологија за непречено пренесување информации. „Со појавата на паметни уреди, паметни возила и сл., се јави потреба за непречено функционирање, кое мора да користи сигнали од 5G мрежата“, додава Павловски.
Сепак, тој смета дека усвојувањето на спорниот подзаконски акт на Законот за електронски комуникации дополнително ќе го забави напредокот на 5G во Северна Македонија. „Сето ова носи невидлив и тежок непотребен товар, како и финансиски товар за малите и помалку финансиски моќни даватели на телекомуникациски услуги во земјата, кои добија голем број нови законски обврски за да можат да го продолжат својот бизнис, и ова ќе има влијание врз имплементацијата на 5G мрежата во земјава “, нагласува Павловски.
Северна Македонија треба да влезе во имплементација на 5G мрежата, а операторите се тие што треба да изберат кои компании ќе ја инсталираат 5G опремата. Дали ќе го следиме примерот на Германија или не, останува да се види.