Британскиот милијардер, Ричард Бренсон, слета во Ново Мексико без никакви потешкотии откако помина неколку минути на работ на вселената во неговото вселенско летало „Вирџин Галактик“, остварувајќи го така неговиот животен сон. Ова, исто така, е важен прв чекор за развојот на вселенскиот туризам.
Бренсон рече дека ова било уникатното искуство во неговиот живот. Тој е првиот милијардер кој леташе во вселената со вселенско летало развиено од неговата сопствена компанија, престигнувајќи го најбогатиот човек во светот, Џеф Безос, кој треба да го направи тоа на 20 јули.
Некои светски милијардери веќе биле во вселената во 2000-тите, но не со свои, туку со руски вселенски летала.
Уште еден милијардер, сопственикот на SpaceX, Елон Маск, присуствуваше на настанот што се одржа денеска.
Улогата на Бренсон за време на летот беше следна: да го тестира и оцени искуството што планира да им го понуди на идните клиенти.
На околу 15 километри надморска височина, бродот се одвои од носачот на авион и започна суперсонично искачување, сè до 80 километри висина, што е висина што САД ја одредија како граница на вселената.
Патниците тогаш можеа да ги откопчаат безбедносните ремени и да доживеат неколку минути бестежинска состојба, воодушевувајќи се на заобленоста на Земјата гледајќи ја низ 12 прозорци од кабината.
Откако достигна висина од 90 километри, бродот започна да се спушта.
„Вирџин Галактик“ планира да почне со комерцијални летови во вселената на почетокот на 2022 година. Амбицијата е со текот на времето да се извршуваат 400 летови годишно од базата Спејспорт Америка.
Околу 600 билети за патување во вселената веќе се продадени на поединци од 60 различни земји – вклучително и холивудски sвезди – по цена од 200.000 до 250.000 американски долари.
Иако Ричард Бренсон редовно повторува дека „универзумот ни припаѓа на сите нас“, засега, таа авантура им е достапна само на привилегираните.