Nintendo Switch конзолата е стара веќе четири години, а наскоро се очекува да добие замена. Неофицијалното име на новата конзола е Nintendo Switch Pro и се очекува да биде претставена за неколку недели, пред Е3 саемот што се одржува кон средината на јуни, тврди извор кој говореше за Bloomberg.
Временската рамка на оваа објава ќе им овозможи на партнерите на Nintendo (како и во самата компанија) да ги прикажат своите претстојни игри за време на E3 конференцијата за игри.
Сепак, се очекува потенцијалните купувачи да почекаат некое време за да ја добијат новата конзола. Nintendo Switch Pro, според некои извештаи, тешко ќе се најде во продажба пред празничната сезона кон крајот на годината. Причината за ова, секако е глобалниот недостиг на чипови.
Кога станува збор за спецификациите, се сугерира дека новата Nintendo конзола ќе има 7-инчен Samsung OLED дисплеј (подобрување во однос на 6,2-инчниот LCD-екран на актуелниот модел). Се претпоставува дека Nintendo ќе ја задржи 720p резолуцијата, со цел да овозможи подолго траење на батеријата.
Преносливата конзола треба да добие помоќен Nvidia чипсет, со поддршка за DLSS. Ова ќе овозможи зголемувањето на видео излезот на 4K кога уредот е поврзан. Се верува дека DLSS ќе биде претежно достапен за новите наслови, но би можел да биде портуван и на попопуларните постари игри.
Според наводите, Nintendo Switch Pro би можел да има повисока цена од 300 долари, колку што чинеше оригиналниот Switch по објавата. Оригиналната Switch конзола повеќе нема да биде достапна по објавувањето на Pro моделот, но Nintendo ќе го задржи Switch Lite од 200 долари, како поевтина алтернатива.