Злонамерниот софтвер често работи незабележливо во заднина и троши дополнителна енергија – еве на што треба да внимавате и што треба веднаш да преземете.
Факт е дека денес речиси целиот свој живот го водиме преку паметни телефони – од комуникација на социјалните мрежи до деловни е-пораки и управување со финансиите.
Експерт за сајбер-безбедност предупреди на проблем со паметните телефони што може да укаже дека вашиот уред е хакиран. За жал, токму оваа зависност нè прави ранливи на измамници кои сакаат да ни ги испразнат сметките на секаков можен начин, пренесува UNILAD.
Доволен е само еден вознемирувачки повик или порака за неплатена патарина за да ги изгубите парите. Според едно истражување, дури 53,35 милиони граѓани на САД биле жртви на сајбер-криминал во првата половина на 2022 година. Во Обединетото Кралство, истражувањето покажало дека 41 отсто од потрошувачите се соочиле со измами преку мобилен телефон, злонамерен софтвер или сајбер-напади – било директно или индиректно. И покрај зголемената свест за софистицираните тактики на измама, сепак можеме да станеме жртви без воопшто да го сфатиме тоа.
Експертот за сајбер-безбедност Акаш Махаџан, основач и извршен директор на компанијата „Kloudle“, го посочува најсигурниот знак дека вашиот паметен телефон е компромитиран: неочекувано брзо празнење на батеријата. „За разлика од компјутерите, паметните телефони ретко покажуваат очигледни знаци на компромитирање сè додека веќе не настане значителна штета“, објаснува Махаџан. Ако батеријата почне да се празни побрзо од вообичаено, тоа може да биде причина за загриженост. „Брзото празнење на батеријата е еден од ретките знаци за рано предупредување достапни за просечните корисници“, вели Махаџан.
Злонамерниот софтвер често работи тивко во заднина – испраќајќи ги вашите податоци на оддалечени сервери, следејќи ги вашите активности или користејќи ја процесорската моќ на уредот – а сето тоа троши дополнителна енергија. „Ако целосно наполнет мобилен телефон одеднаш почне да се празни многу побрзо без никаква промена во навиките за користење, тоа е силен показател дека во заднина работи злонамерен софтвер“, предупредува Махаџан. За корисниците кои се сомневаат дека нивниот уред е хакиран, Махаџан препорачува пет итни чекори.
Веднаш исклучете се од мрежите: Вклучете го „авионскиот режим“ (Airplane Mode) и исклучете ги Wi-Fi и Bluetooth конекциите. Ова ја прекинува врската помеѓу уредот и потенцијалните хакери.
Извршете безбедносно скенирање: Преземете сигурна апликација за мобилна безбедност од официјална продавница (Google Play или Apple App Store) и извршете целосно скенирање на системот.
Променете ги сите важни лозинки: Користејќи различен, безбеден уред, променете ги лозинките за вашата е-пошта, банкарски апликации, сметки на социјалните медиуми и други критични услуги. Користете силни, уникатни лозинки и овозможете двофакторска автентикација.
Ажурирајте го и исчистете го вашиот уред: Ажурирајте го оперативниот систем на најновата верзија, бидејќи често вклучува безбедносни закрпи. Отстранете ги сомнителните апликации и повлечете ги непотребните дозволи, особено оние што даваат пристап до податоци за контакт, камерата и локацијата.
Пријавете го инцидентот: Пријавете сериозни случаи на сајбер криминал до надлежните органи. Во случај на финансиска измама, веднаш контактирајте ја вашата банка за да можат да имплементираат специфични протоколи.
