Huawei ги претстави своите најнови премиум TWS слушалки – FreeBuds 4. Слушалките ги краси препознатлив дизајн, а ги покренува Kirin A1 чипот на компанијата.
Новата верзија на слушалки има 14,3 мм динамички драјвери и три микрофони за глас и сараунд звук. ANC (Аctive noise cancellation) може да го намали звукот од опкружувањето за до 25 децибели. Секоја слушалка користи три нивоа на контрола со допир, а тежината им е само 4,1 грам.
FreeBuds 4 се поврзуваат преку Bluetooth 5.2 конекција и поддржуваат истовремена конекција за до два уреда. Тука е и специјалниот „clear voice mode“ за влогери, кој ветува подобри опции за издвојување на корисничкиот глас во побучните опкружувања.
Работниот век на батеријата на слушалките изнесува околу четири часа во текот на репродукцијата на содржини, односно околу 22 часа со футролата за полнење. Huawei ветува дека полнењето од 15 минути ќе овозможи до 2,5 часа репродукција на содржини. Футролата може да ги полни слушалките преку USB-C порт или безжично со компатибилен Qi полнач. Целиот комплет има IPX4 отпорност на прскање на вода.
Huawei FreeBuds 4 слушалките пристигнуваат во бела, сребрена и црвена боја, по цена од околу 155 долари. Официјалната продажба почнува од 6. јуни, а глобалната цена и достапност ќе бидат објавени подоцна.