Постојат три основни проблеми поради кои засега не можеме да праќаме луѓе на Марс, а научниците предупредуваат дека не треба ниту да пробаме да пратиме екипаж на такво патување додека не се решат проблемите.
Трите главни проблеми се: недостатокот на квалитетни ракети кои можат да издржат повеќе летови, појавата на депресија кај луѓето кои би патувале во нив и радијацијата во вселената.
Експертите велат дека пренесувањето на луѓе на Марс со денешната технологија би чинело многу, и според денешните цени, вклучувајќи го и враќањето на Земјата, би чинело околу 100 до 150 милијарди долари.
Затоа, за да се намалат трошоците научниците и вселенските агенции работат на ракети кои можат да се искористат неколкупати, што повеќекратно би ја намалило просечната цена на еден лет до Марс и назад. Веќе беше демонстрирана моќта на ракетата Falcon 9, а годинава се очекува да биде лансирана и Falcon Heavy ракетата на компанијата SpaceX.
Другиот проблем е дека патувањето од Земјата кон Марс може да биде многу досадно, што може да доведе до ситуација во која патниците нема да бидат доволно стимулирани па ќе паднат во депресија. Летот од Земјата до Марс трае 8 месеци, а секои 15 години, кога овие две планети се доближуваат, трае 6 месеци.
Астронаутите се спремаат за долгите летови и по неколку месеци. Тие поминуваат по неколку месеци во специјални капсули кои би требало да ги симулираат условите на ракетата во која би требало да се наоѓаат за време на летот. Една од работите за кои се верува дека може да помогне во борбата со депресија е буквално работата. Затоа астронаутите си наоѓаат работа во капсулите во кои се наоѓаат и пробуваат истовремено да се усовршат.
Последниот проблем, можеби и најголем за патниците би била радијацијата.
Патот до Марс во еден правец би го изложило патникот на радијација 15 пати поголема од дозволената за вработените во нуклеарни централи. Постојат различни видови на штитови за штитење од радијација, но радијацијата во вселената е доволно силна да ги пробие сите од нив.
Поради сите овие проблеми, приоритет во следните десетина години ќе биде истражувањето, кое еден ден веројатно ќе помогне до тој степен што сите научници би се чувствувале сигурни дека летот до Марс може да биде изведен.
Извор: Klix.ba