Врз основа на податоците од телескопите „Хабл“ и „Спицер“, сега можете да искусите какво е летањето низ една од најпознатите маглини – Орион.

Најблиската светла маглина е оддалечена околу 695 светлосни години од нас, а маглината Орион е многу подалеку – околу 1.344 светлосни години. Дури и ако можевме да патуваме со голема брзина, за да стигнеме таму би биле потребни многу генерации.

Меѓутоа, со комбинирање видливи и инфрацрвени снимки од срцето на ѕвездата на маглината, астрономите и специјалистите за визуализација овозможија 3Д-лет за да доживеете како е да се биде вселенски истражувач.

Новообјавеното видео е ажурирање и проширување на претходниот лет низ маглината Орион врз основа на податоците на „Хабл“ од 2014 година, и дел од ИМАКС-филмот за вселенскиот телескоп „Хабл“, раскажан од Леонардо ди Каприо.

Триминутното видео е наменето да ви открие каква е навистина вселената – не статични 2Д-слики што обично ги гледаме, туку огромни, тродимензионални и динамични.

„Со додавање длабочина и структура на неверојатните слики, видеото ви разјаснува како изгледа универзумот, ве едуцира и ве инспирира“, вели научникот за визуализација Френк Самерс.

За нас, на Земјата, гледајќи го ноќното небо, маглината Орион е само мало делче што се појавува како ѕвезда. Во реалноста маглината е огромна и содржи интензивен ѕвезден расадник – регион каде што прашината на маглината бесно се спојува со младите ѕвезди.

Со комбинирање на податоците од „Хабл“ и „Спицер“, тимот обезбеди многу подетално видео.

„Навистина е прекрасно кога може да се создаде ментален модел во главата на гледачот за да ја трансформира дводимензионалната слика во тродимензионална сцена“, вели Самерс.