По примерот на Echo Show на Amazon, четири големи компании на CES претставија паметни звучници со екран кои што имаат интегриран Google Assistant.
Еден од големите трендови кои што доминираат на технолошкиот пазар во последно време се паметните звучници и гласовните асистенти, каде што слободно може да се каже дека доминира Amazon. Токму на оваа доминација ќе се обиде да ѝ се закани Google, но и неколку други компании со паметни звучници кои ќе го имаат интегрирано Google Assistant.
Паметни звучници со Google Assistant претставија компаниите како што се Anker Innovationsa, Bang & Olufsen, Braven, iHome, Jensen, Klipsch и други, а сепак, посебно интересни се уредите на JBL, Sony, LG и Lenovo затоа што доаѓаат со интегриран екран.
Моделот кој што на CES саемот во Лас Вегас го претстави JBL доаѓа со екран со висока резолуција и дијагонала од 8 инчи, има предна камера со резолуција од 5 мегапиксели и два стерео звучници со сила од 10 W, а говорејќи за квалитетот на звукот, од JBL посебно го истакнаа „богатиот и длабок бас“.
Исто така, JBL за својот паметен звучник Link View велат дек е изработен од квалитетни материјали кои што овозможуваат едноставно чистење на уредот, а што се однесува до останатите спецификации, треба да се издвои Google Cast, Bluetooth и IPX4 заштитата.
Освен класичните опции кои што ги нудат паметните звучници, односно гласовните асистенти како што се управување со другите паметни уреди, музика, информации за времето и слично, благодарение на екранот, на Link View на JBL може да се гледаат фотографии, видеа на YouTube и да се вршат видео разговори.
Паметниот звучник со интегриран екран на JBL можеме да го очекуваме во текот на летото, а засега цената по која што ќе се продава не е позната.