По четири години, компанијата Apple повторно се најде на врвот на листата на највредни светски брендови, надминувајќи го Амазон, покажа истражувањето на консултантската компанија Бренд Фајненс (Brand Finance), јави ДПА.
Вредноста на брендот Apple скокна 87 проценти, на 263,4 милијарди долари, со што се искачи на првото место на рангирањето на „Brand Finance Global Brand 500 “. Епл е првата американска компанија чијашто пазарна вредност надмина 2.000 милијарди долари во август минатата година, потсетува агенцијата ДПА.
Амазон го зазеде второто место на рангирањето на листата, со вредност на брендот од 254,2 милијарди долари, а третото место му припадна на Google со проценета вредност на брендот од 191,2 милијарди долари. Microsoft го задржа четвртото место, со 20 проценти зголемување на вредноста на брендот, на 140,4 милијарди долари. Samsung го задржа петтото место, Волмарт се проби на шестото, а Facebook е на седмото, како и на минатогодишното рангирање.
Технолошките компании убедливо доминираат на листата, со учество во вкупната вредност на брендовите од 14 проценти. Заедно, нивните брендови вредат 998,9 милијарди долари.
Компаниите водени од технолошка иновации значително ја зголемија вредноста на нивните брендови откако работењето од дома стана нова норма во годината обележана со мерки како „локдаун“ во пандемијата и зависноста на луѓето од дигиталните комуникации, малопродажбата и забавата.
Apple ги престигна Amazon и Google благодарение на успешната стратегија за развој на нови извори на приход. iPhone на тој начин учествуваше со половина од своите приходи во 2020 година, во споредба со две третини во 2015 година.
Како дел од таа стратегија, брендот се прошири на дигитални и претплатнички услуги, вклучувајќи ги App Store, iCloud, Apple Podcasts, Apple Music, Apple TV и Apple Arcade. Компанијата одлучи да продолжи со планираното проширување кон сегментот електрични возила Титан.
Вредноста на брендот Amazon, во меѓувреме, порасна солидни 15 проценти, исто така благодарение на пандемијата и невиден раст на побарувачката поттикната од потрошувачите кои се свртија кон купување преку Интернет, по затворањето на физичките продавници. Amazon се стекна со 11 авиони за да ги прошири своите можности за воздушна логистика. Фирмата, исто така, го најави својот влез во здравствениот сектор со лансирање на Амазон аптека и фитнес апликацијата Хало.
Вредноста на брендот Google исто така се зголеми малку, иако минатата година, по првпат од нејзиното основање, забележа пад на приходите како резултат на пад на побарувачката за рекламирање за време на пандемијата и општ пад на потрошувачката на компаниите за маркетинг.
Вредноста на американскиот производител на електрични автомобили Тесла скокна најмногу меѓу 500-те компании на скалата, за 158 проценти, на 32 милијарди долари.
Вредноста на брендот на кинескиот интернет гигант за малопродажба Алибаба е двојно зголемена, на 39,2 милијарди долари.
Во автомобилската индустрија, највредна марка е јапонската Тојота, чија вредност порасна за два проценти на 59,5 милијарди долари. Следува германскиот Мерцедес-Бенц со вредност на брендот од 58,2 милијарди долари, 10 проценти помалку од минатата година.