Заедно со моделот Galaxy Tab S7 Lite, кој се појави нешто порано, Samsung работи на уште еден таблет уред со достапна цена. Станува збор за Galaxy Tab A 8.4 (2021), наследник на моделот Galaxy Tab A 8.4 (2020), кој беше објавен во март минатата година.
Додека чекаме на официјално претставување на таблетот, се појавија груби CAD рендери на претстојниот уред. Рендерите откриваат заоблени рабови, донекаде тенки рамки кога станува збор за овој ценовен ранг, една камера на задната страна, додека од предниот дел нема физички копчиња.
Исто така, не е видлив ни сензорот за отпечатоци, што не е изненадување, имајќи предвид дека станува збор за буџетски таблет. Во споредба со претходникот, нема големи промени кога е во прашање дизајнот и разлики може да постојат главно во внатрешниот хардвер.
Galaxy Tab A 8.4 (2021) треба да има димензии од 201,9 x 125,2 x 7 милиметри, а ќе ги задржи 3,5мм приклучок и USB-C портот за полнење.