Кинеската компанија за електронска трговија „JD.com Inc“ објави дека ќе го прифати дигиталниот јуан како платежно средство, станувајќи првата виртуелна платформа што ја користи дигиталната валута за своите трансакции.
JD Digits – единицата за финтех на компанијата, ќе го прифати дигиталниот јуан како платежно средство за некои од нејзините производи како дел од пилот експериментот со вклучување на дигитален јуан за граѓаните на Сужоу, објави Reuters.
Кинескиот дигитален јуан е една од водечките иницијативи во светот за реализација на дигиталната валута на централната банка, како обид на страните да се спротивстават на приватните дигитални валути како што се биткоинот и Libra на Facebook.
Како дел од промоцијата на дигиталниот јуан, компаниите ќе организираат наградна игра со грепки JD Digits на социјалната мрежа WeChat, во која на среќните добитници ќе им се поделат вкупно 20 милиони јуани (три милиона американски долари), пренесе телевизијата Си-Ен-Би-Си.
Преку оваа апликација, добитниците ќе добијат таканаречен „црвен пакет“ што содржи максимум 200 дигитални јуани, а победниците со нив ќе можат да пазарат на мрежата JD.com. Планирано е во цела Кина да бидат поделени 100.000 црвени пакети.
Дигиталниот јуан го контролира и издава Народната банка на Кина, која национална виртуелна валута ја разви како дел од проектот „Електронско плаќање со дигитална валута“ (DCEP), на чиј развој и подобрување се уште е многу ангажирана.