Над 80 проценти од продадените автомобили во Норвешка се на струја.
Новиот рекорд е поставен во септември, најмногу благодарение на огромната популарност на новиот VW ID.3.
Улиците во норвешките градови се преполни со Tesla, Nissan Leaf и Renault Zoe. На нив сега ќе им се придружи и Volkswagen ID.3, на кој по премиерата му требаше кратко време да стане најпопуларниот автомобил во земјата на фјордовите.
Само во септември, Норвежаните купиле 1.980 единици од VW ID.3. Tesla Model 3 е на второто место со 1.116 продадени единици. На третото место е Volvo Polestar 2 со 932 примероци. Ќе се согласите, резултати за кои дилерите на електрични автомобили во други земји можат само да сонуваат.
Во август дури 61,5 проценти од продадените автомобили биле со електричен погон. На оваа бројка треба да се додадат 20,1 проценти plug-in хибриди, кои покрај присуството на мотор со внатрешно согорување, овозможуваат и електрично возење.
Вкупниот број продадени автомобили на норвешкиот пазар од сегментот на електрични и plug-in хибриди е рекордни 81,6 проценти. Доколку ID.3 ја задржи лидерската позиција во наредните месеци, резултатите би можеле да станат уште поимпресивни.