Речиси 50 години од изведувањето на мисиите Apollo, НАСА ќе ја отвори „временската капсула“ во која се чуваат недопрени примероци од камења од површината на Месечината.

Примероците собрани од мисиите Apollo 15, 16 и 17 (лансирани во јули, 1971, април 1972 и декември 1972 година), се спакувани на Месечината и зачувани недопрени – никогаш досега не биле изложени на Земјината атмосфера – што значи дека се од непроценливо значење во истражувањето на геологијата на природниот Земјин сателит.

Девет тимови се избрани за анализа и проучување на примероците, со надеж дека напредните техники за анализа и проучувањето на лунарната средина ќе доведат до откритија што не биле можни кога биле изведени мисиите пред 50 години.

„Со проучувањето на овие скапоцени примероци од Месечината за прв пат, нова генерација научници ќе помогнат да ги унапредиме нашите сознанија за Месечината и да се подготвиме за новата ера на истражување на Месечината и подалеку во вселената“, рече Томас Зарбухен од Директоратот за научни мисии на НАСА.

„Со ова истражување ќе се донесат уникатни примероци во најдобрите лаборатории на Земјата.“
Дел од примероците беа донесени на Земјата во вакумирани пакети за да се заштитат од распаѓање во атмосферата на Земјата. Еден типичен примерок тежи 800 грама. Дел од нив се состојат од камења собрани од под површината на Месечината, што значи дека научниците ќе можат да истражат каков е составот на Месечината.

Други примероци се зачувани со замрзнување или биле чувани во хелиум за да се спречат хемиски реакции. Отворањето ќе се изведува многу внимателно, за да се заштитат примероците од надворешни влијанија.

Денешните научници во НАСА упатуваат честитки и благодарност за зачувувањето на примероците.

„Овие примероци се инвестиција во иднината“, вели Лори Глејз, директорка на Одделот за истражување на планетите во НАСА.

„Биле намерно зачувани за да може да ја искористиме денешната напредна и софистицирана технологија за да одговориме на прашања за кои не сме ни знаеле дека треба да ги поставиме“, вели таа.