Следното предавање од годинашниот циклус во организација на Скопско Астрономско Друштво ќе биде еден вид на мини семинар од две кратки предавања на тема космологија, преку кои ќе се прикаже шареноликоста на човечката мисла во обидот да ја објасни природата, односно Универзумот. Предавањата ќе се одржат во четврток, 8. ноември, со почеток во 20 часот, во Амфитеатарот при Факултетот за електротехника и информациски технологии

Првото ќе го одржи др. Марија Тодоровска, професорка на катедрата за филозофија на религија при Филозофскиот факултет во Скопје, која ќе зборува за митското мислење и моќта на митовите; космогониски митови (схеми на настанување) и митови за крајот на светот; магиското „прото-научно“ мислење; потрагата по потеклото во претсократовската филозофија; уреденоста на светот кај Платон и космолошките идеи на Аристотел; можните светови и „финото штимање“ на Универзумот.

Второто предавање ќе го одржи Филип Парталовски, член на Скопското астрономско друштво, кој ќе зборува за научната космологија, односно откритијата и водечките теории кои ја формираат модерната слика за Универзумот; природните закони кои ги опишуваат неговото настанување, еволуција, микро и макро структура, како и предизвиците со кои се соочени астофизичарите и космолозите денес.

И оваа година, Скопско Астрономско Друштво организира Циклус предавања на популарни астрономски теми. Циклусот започна на 18.10.2018, а предавањата се одржуваат секој четврток, со почеток од 20:00 часот, во амфитеатарот на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје.

Предвидени се 7 предавања од различни области во астрономијата, со актуелни и интересни теми, но и едно предавање од биомедицината на тема која е актуелна и од особено значење. Циклусот е од популарен карактер и е така конципиран што за негово следење не се потребни предзнаења. Предавањата тематски не се директно поврзани помеѓу себе.

Распоредот на предавања е следен:

  • Живот на Марс 
  • Мисијата Касини
  • Темниот Универзум
  • Космологијата низ вековите
  • Теорија на струни
  • Терапија и рана детекција на рак: каква иднина ни претстои?
  • Црни дупки
  • Ајнштајновите теории на релативитет

Цената за секое поединечно предавање изнесува 100 денари. За членовите на Скопско Астрономско Друштво и за студентите од ФЕИТ, Машински факултет и ФИНКИ – Скопје влезот ќе чини 50 денари од предавање (притоа посетителот треба да покаже членска карта или индекс).

Циклусот е поддржан од Факултетот за електротехника и информациски технологии. За повеќе информации слободно пишете ни на [email protected] или јавете се на 076 439 027.