Советите ја лансираа Лајка во вселената со сателитот „Спутник 2“ пред 60 години на 3-ти ноември 1957-ма година. Само еден месец претходно, СССР во вселената го испрати првиот сателит „Спутник 1“.
Кучето Лајка беше испратено неповратно на пат во вселената, преживеа само неколку часа, откако ја прелета Земјата девет пати.
„Тие девет кружења околу Земјата ја направија Лајка првиот астронаут на светот. Кучето беше жртвувано поради успехот на идните вселенски мисии“, изјави биологот Адилја Котовска која што е горда на својата пионерска улога во работата со првите животни испратени во вселената.
Патувањето на Лајка во вселената за тогашниот советски лидер Никита Хрушчов беше уште една победа во вселенската трка со Американците. Во еден одлично темпиран пропаганден проект, сето тоа се случи на 4 дена пред 40-годишнината од Октомвриската револуција.
„Неколку кучиња пред Лајка беа лансирани на кратки подорбитни летови кои што траеа неколку минути за да се провери дали животните можат да преживеат во безтежинска состојба“, раскажува Котовска.
За кучињата да се прилагодат во капсулата долга само 80 сантиметри, Котовска постепено ги преместувала во се помали кафези. Кучињата минувале време во центрифуга, симулатор на гравитациски сили кои се создаваат во моментите на лансирањето, а биле изложувани и на слична бучава.
Лајка било куче пронајдено на улиците во Моксва, старо околу 3 години и тешко шест килограми.
„Биравме само женки затоа што тие не треба да ја подигнат ногата додека уринираат, што значи дека им е потребен помал простор од мажјаците. Бирвме кучиња скитници затоа што беа во поголем број“, вели таа.
Кучињата требало да бидат „фотогенични“, им се давале имиња кои што лесно можат да се запомнат. Името Лајка доаѓа од „лаење“, а токму ова куче било избрано за првиот лет затоа што било најпаметно и најпослушно.
„Секако знаевме дека кучето ќе го загуби животот на летот затоа што во тој период немавме технологија за враќање назад“, раскажува Котовска.
„Спутник 2“ беше лансиран во 5:30 часот наутро по московско време од Казахстан.
„Најпрвин се беше во ред. Секако, за време на лансирањето, срцето на Лајка забрзано чукаше, но после три часа пулсот се врати во нормала“, раскажува Котовска.
Сепак, за време на деветото кружење околу Земјата, температурата во капсулата започнала да расте и достигнала до 40 степени Целзиусови. Изолацијата од сончевите зраци не била доволно добра, а научниците се надевале дека Лајка може да преживее од осум до девет дена. За жал, Лајка починала после неколку часа поради дехидрација.
Без оглед на тоа, властите на СССР неколку дена известувале дека Лајка е добро. Службената верзија гласела – Лајка починала од отров кој што е подметнат во храната со цел да се поштеди од болното враќање на Земјата. Властите од Москва овие измилици ги користеле во следните неколку години.
Сателитот со остатоците на Лајка изгорел во атмосферата пет месеци подоцна, на 14-ти април 1958-ма година. Еден од водечките научници кој што работел на таа мисија, Олег Газенко изразил жалење поради смртта на Лајка на прес-конференција во 90-тите години.
„Што повеќе време минува, се повеќе ми е жал. Не требаше да го сториме тоа. Од тој лет не научивме доволно за да ја оправдаме смртта на кучето“.
Првите животни кои што беа лансирани во вселената, а потоа и вратени живи назад на Земјта беа Белка и Стрелка во сателитот „Спутник 5“ во 1960-та година. Успехот на тие мисии ги уверил советските власти да тргнат во дотогаш најопасната мисија – испраќањето на првиот човек во вселената. Во април 1961-ва година, три и пол години после Лајка, во вселената полета првиот човек – Јури Гагарин.
Извор: Точка