Времени прекини во знак на протест поради наметнати неуставни обврски во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги
Ја информираме јавноста дека сме принудени да почнеме со времени прекини во реемитувањето на сите телевизиски програми, освен јавниот сервис МРТ од 21 јуни, 2020. Ова се должи на измената на законската и подзаконската регулатива во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, со која на операторите им се наметнуваат неуставни обврски. На овој начин сакаме да го подигнеме нивото на свесност за сериозноста на ова прашање кај пошироката јавност, особено нашите крајни корисници кои ќе бидат најмногу погодени од актуелното законско решение.
И покрај сите напори, реакции и отвореност за соработка, во интерес на корисниците, состојбата со реемитување на телевизиски канали нема решение туку сѐповеќесекомплицира. Одлуката за времени прекини ја поддржуваат сите оператори кои се дел од Здружението на ИКТ при Стопанската комора на Македонија.
Причината за ваквиот чекор е усвојувањето на измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги по скратена и нетранспарентна постапка, без претходна консултација и расправа. Со овој Закон, на сите оператори им се наметнува обврска да гарантираат за авторските права на програмите кои само ги реемитуваат и за тоа да сносат кривична и материјална одговорност. Реемитувањето на програми и авторските права е согласно ЕУ стандардите и е веќе уставно регулирано со закон.
Дополнително, на 29.05.2020, во време на вонредна состојба, донесена е Уредба со која законот е надополнет со уште една обврска на штета на операторите и корисниците која го доведува во прашање натамошното реемитување на телевизиски содржини преку нашата јавна електронска комуникациска мрежа. Оваа Уредба им наментува обврска на операторите за пререгистрација на веќе регистрирните странски канали во рок од 60 дена.
Сите оператори по истекот на овој период, односно на на 08.08.2020 ќе треба да ги исклучат странските канали кои ги реемитуваат, поради регулативата која од една страна бара нивна пререгистрација под нови услови без оправдани причини, а од друга страна бара изјави со кои под морална и кривична одговорност операторите би одговарале за нешто за што немаат законска должност ниту пак моќ да го контролираат.
Со оглед на сериозноста на ситуацијата, сметаме дека треба да бидеме транспарентни кон корисниците и јавноста и да алармираме за потенцијалната можност за целосно згаснување на платформите за реемитување на програмските содржини од 8.08.2020 година.
Како и до сега отворени сме за соработка и понудивме предлог за измена Законот и на подзаконските акти кои доколку се прифатат ќе добиеме прифатливо решение што ќе го превенира потенцијалниот медиумски и информативен мрак.
Сите корисници кои ќе бидат афектирани од оваа одлука ќе бидат обештетени со соодветно намалување на месечната претплата.
Ќе преземеме сè што е во наша моќ да се најде решение, со што ќе се избегнат натамошни штети и ќе се заштитат корисниците и целата јавност.
Поврзани артикли