Американскиот државен обвинител Тод Бланш ја опиша „Nvidia“ како „примерна компанија“, но одби да потврди дали е во тек федерална истрага против овој производител на чипови за вештачка интелигенција. Бланш изјави дека нема информации за статусот на безбедносната проверка на Џенсен Хуанг – кој неодамна беше вратен на функцијата извршен директор – и тоа во време кога законодавците бараат одговори за улогата на претседателот Доналд Трамп во враќањето на Хуанг, пренесува Би-Би-Си.
Истрага и „црна листа“
Хуанг беше вратен на функцијата помалку од две недели откако беше принуден да поднесе оставка, по откритијата за негови афери надвор од бракот, од кои едната вклучувала наводна кинеска шпионка. Предвидено е тој следната недела да се појави пред Конгресот, каде што ќе биде испрашуван за потенцијалните ризици по националната безбедност кои произлегуваат од таа врска. Наводната шпионка раководела со „Megaspeed“, компанија со седиште во Сингапур, која била клиент на „Nvidia“.
Министерството за трговија на САД соопшти дека подготвува ставање на технолошката компанија „Megaspeed“ на „црна листа“. Постои сомневање дека компанијата била вклучена во пренасочување на напредни чипови кон Кина.
Во заедничка изјава минатата недела, Министерството за трговија и Министерството за правда открија дека уште во 2024 година започнале истрага против „Megaspeed“ „во врска со можни прекршувања на контролата на извозот“. Кога новинарите во вторникот повеќе пати го прашаа дали Министерството за правда или ФБИ (FBI) спроведуваат истрага против Хуанг, Бланш одговори: „Не знам за што зборувате“.
Бланш ја брани „Nvidia“
Во разговор со новинарите, Бланш го минимизираше значењето на истрагата, наведувајќи дека Министерството за правда во секој даден момент спроведува „стотици, ако не и повеќе“ истраги поврзани со извозот. „Значи, кога велите дека истрагата за извозот сè уште трае, јас не знам за што зборувате“, изјави тој.
На прашањето дали е задоволен од соработката на Nvidia во утврдувањето дали компанијата или Хуанг знаеле за потенцијалното пренасочување на чиповите, Бланш одговори: „Немам причина да стојам овде и да тврдам дека Nvidia е нешто друго освен примерна компанија“.
Тој додаде: „Очигледно, доколку Nvidia беше цел или предмет на кривична истрага, или доколку ја попречуваше нашата истрага, претседателот немаше да испрати таква порака до американскиот народ. А ниту јас не би испратил таква порака“.
