Capcom ID останува достапен за користење, но корисниците може да добиваат зголемен број на лажни „фишинг“ (phishing) е-пораки.
Корисниците на Capcom ID треба да бидат претпазливи во однос на „фишинг“ мејловите, откако Capcom потврди дека дошло до масовно протекување на податоци, кое засегнало над 11,7 милиони корисници. Претходно, компанијата за видеоигри објави дека нејзиниот онлајн сервис за членство бил изложен на „неовластен пристап од страна на трето лице“.
Според соопштението на Capcom, протекувањето на податоци опфатило милиони е-адреси поврзани со кориснички сметки, како и датуми на раѓање, пол, земји или региони и прекари поврзани со 43 кориснички сметки; дополнително, лозинките за 196 сметки биле променети без овластување. Сепак, компанијата напомена дека податоците за кредитните картички на корисниците не биле загрозени при овој инцидент.
Од Capcom наведоа дека инцидентот започнал на 19 октомври, кога била детектирана „сомнителна активност која укажува на потенцијален неовластен пристап“ до Capcom ID. Компанијата извести дека веднаш го блокирала пристапот и започнала истрага за причините и обемот на инцидентот, притоа потврдувајќи дека навистина дошло до неовластен пристап.
Потоа, Capcom го пријави инцидентот во локалната полиција и кај својот надворешен советодавен одбор за безбедност. Capcom потврди дека го „идентификувал и неутрализирал методот на напад“ користен во овој инцидент, и дека сите услуги што го користат Capcom ID остануваат достапни – вклучително и игри како Street Fighter 6, за кои е потребен овој систем за играње онлајн. Сепак, компанијата ги предупреди корисниците да бидат внимателни во однос на сомнителните е-пораки, бидејќи протечените информации би можеле да се искористат за испраќање измамнички пораки во кои напаѓачите се претставуваат како Capcom.
Capcom не е единствената голема компанија во индустријата за видеоигри која неодамна се соочила со протекување на податоци; во април, Rockstar Games потврди дека била погодена од „протекување на податоци предизвикано од трето лице“.
