TikTok тврди дека веќе не ја блокира сметката за документарен филм за Илон Маск.
Четиричасовниот документарен филм за Илон Маск наидува на отпор од платформите на социјалните мрежи; на пример, се чинеше дека TikTok ја блокирал сметката за филмот. Компанијата подоцна изјави дека сметката била „вратена по направена грешка“.
Според The Hollywood Reporter, TikTok неодамна го известил дистрибутерот на документарниот филм, „Bleecker Street“, дека сметката е „трајно суспендирана“ поради нејзината политичка содржина.
Огласите за промовирање на трејлерот за филмот „Маск“ – во режија на оскаровецоѕ Алекс Гибни – првично беа одбиени и од Meta и од YouTube. Двете платформи на крајот ги одобрија огласите, при што Meta го припиша првичното одбивање на „грешка“. Гибни неодамна потврди дека меѓународниот дистрибутер на филмот, „Universal“, имал двоумење околу плановите за објавување на „Маск“, но дека проектот сега продолжува понатаму.
Платформата X, која е во сопственост на Маск, одби да прикажува реклами за филмот. Операциите на TikTok во САД се делумно во сопственост на Лери Елисон – кој, слично како и Маск, е познат по својата поддршка за претседателот Доналд Трамп.
Филмот „Маск“ минатиот викенд се појави во само четири кина, а неговата дистрибуција сега се проширува. Следната година, предвидено е да се прикажува на стриминг-платформата HBO – која сега е дел од „Paramount/Skydance“, компанија предводена од синот на Елисон, Дејвид.
