Во првичната тужба, производителот на iPhone беше обвинет за попречување на апликации како Grok во продавницата App Store.
Компаниите на Илон Маск, X Corp и xAI, поднесоа барање за отфрлање на тужбата против Apple, според судски документ. Спорот се решаваше пред федерален суд во Тексас, иако не беа обелоденети детали за причините за отфрлањето.
Исто така, не е познато дали е постигнат некаков вид на спогодба.
Компаниите на Маск ја поднесоа првичната тужба минатата година, обвинувајќи го Apple за кршење на антимонополските закони. Тужбата произлезе од интеграцијата на алатките на ChatGPT во системот Apple Intelligence; компаниите тврдеа дека Apple ги затвора пазарите за да ги одржи своите монополи и да ги спречи иноваторите како X и xAI да се натпреваруваат.
Во тужбата исто така се наведуваше дека Apple и OpenAI се здружиле против производите на xAI, како што е чет-ботот Grok (кој повремено го фалеше Адолф Хитлер). Тие понатаму тврдеа дека Apple не ги промовирал нивните апликации во App Store.
„Да не беше ексклузивниот договор со OpenAI, Apple немаше да има причина да избегнува повидливо прикажување на X и Grok во App Store“, изјавија тогаш од компанијата за Ројтерс.
Вреди да се напомене дека многу од ривалите на OpenAI имале апликации кои поминале време на врвот на топ-листите во App Store, дури и откако било воспоставено партнерството со Apple. Меѓу нив се DeepSeek и Perplexity, но не и xAI. OpenAI исто така беше наведен во првичната тужба. Според извештајот на CNBC, компаниите на Маск наведуваат дека ќе продолжат со правната постапка против креаторот на ChatGPT. Ова отфрлање на тужбата се однесува само на Apple.
Компанијата xAI моментално е вклучена во уште една тужба. Таа се однесува на обвинувања дека Grok бил користен за генерирање илјадници слики со содржини од сексуална злоупотреба на деца (CSAM). Исто така, постојат тврдења дека тој овозможува масовно производство на експлицитни „дипфејк“ (deepfake) слики направени без согласност, кои се користат за вознемирување на жени и девојки низ интернетот. Ова доведе до официјална истрага од страна на властите во Калифорнија, која е во тек.
