SpaceX побара од Пентагон значително зголемување на надоместоците за користење на сателитската мрежа Starlink во американските воени операции против Иран, објави „Ројтерс“.
Според агенцијата, која се повикува на извори запознаени со преговорите и документи од Министерството за одбрана на САД, спорот меѓу SpaceX и Пентагон настанал поради употребата на системот Starlink на американските камикази дронови LUCAS, кои се користеле во напади врз ирански цели.
SpaceX проценил дека војската користи понапредно ниво на услуга од првично договореното и побарал зголемување на месечната такса од околу 5.000 долари на 25.000 долари по терминал.
Пентагон првично го оспори зголемувањето на цената, наведувајќи дека поскапиот пакет се однесува на авиони, а не на беспилотни летала што го користат системот за кратко време, но на крајот ги прифати новите услови, кои речиси ја дуплираа цената на секој дрон LUCAS.
„Ројтерс“ објави дека тензиите се дополнително зголемени поради преговорите околу планот за обезбедување директни мобилни комуникации на иранските граѓани преку мрежата Starlink, со цел да се заобиколат ограничувањата и интернет блокадите наметнати од властите во Техеран.
SpaceX му понуди на Пентагон сателитски систем за поврзување на мобилни телефони без потреба од копнени терминали, по цена од дури 500 милиони долари за лансирање на услугата и дополнителни 100 милиони долари месечно за нејзино одржување.
Министерството за одбрана на САД не ги коментираше обвинувањата за цените, но рече дека работи на пронаоѓање алтернативни добавувачи на сателитски комуникации.
Starlink стана клучен дел од американските воени операции и модерното војување во последниве години, особено по почетокот на војната во Украина во 2022 година. SpaceX моментално има мрежа од околу 10.000 сателити, што претставува најголема сателитска констелација во светот.
