Instagram повторно се обидува со формат на краткотрајни фотографии со нова функција наречена Instants.

Функцијата е достапна во главната апликација на Instagram, како и во нова самостојна апликација со исто име – Instants.

Идејата е спонтано да се фотографираат и споделуваат фотографии. Слично како што Instagram изгледаше порано, пред да стане центар за инфлуенсери. Овие фотографии исчезнуваат откако вашите пријатели ќе ги видат – кои можат да реагираат или да одговорат на нив. Фотографиите ќе останат во вашата архива до една година, а подоцна можете да ги споделите како „Story“ со тоа што ќе ги соберете во еден краток преглед (recap).

Во главната апликација на Instagram, можете да пристапите до Instants од вашето сандаче за директни пораки (DM) со допирање на иконата за наредени фотографии во долниот десен агол. Единствениот начин на кој можете да измените објава на Instants е со додавање на опис. Тука нема алатки за уредување или филтри. Исто така, не можете да прикачувате фотографии од галеријата на вашиот телефон.

Потоа можете да изберете со кого сакате да ја споделите фотографијата (или блиски пријатели или оние што ги следите и кои ве следат вас) и да ја испратите. Постои копче „поништи“ (undo) кое ви дава момент да се предомислите и да ја отстраните објавата пред вашите пријатели да ја видат.

Што се однесува до наменската апликација Instants, Instagram вели дека експериментално ја воведува во одредени земји на iOS и Android.

„Веќе некое време го тестираме Instants и едно нешто што го слушнавме е дека луѓето сакаат побрз и полесен начин за пристап до камерата“, соопшти компанијата во блог објава.

Функцијата и апликацијата Instants исто така ги користат сите стандардни заштити за безбедност и приватност на Instagram, вклучувајќи блокирање и исклучување на звукот на други корисници.

Родителските контроли за тинејџерските сметки на самиот Instagram автоматски се применуваат на Instants, вклучувајќи споделени временски ограничувања, алатки за безбедност (нема снимање на екранот) и ограничен пристап по дифолт помеѓу 22:00 и 7:00 часот. Родителот на тинејџерот со надгледувана сметка ќе добие известување кога ќе ја преземе апликацијата Instants.