Вселенското летало „Ван Ален“ на НАСА, тешко околу 600 килограми, треба повторно да влезе во атмосферата на Земјата по речиси 14 години.

Американските вселенски сили предвидуваат дека повторното влегување се очекува да се случи околу 19:45 часот по источно време (12:45 часот по средноевропско време) во вторник, но НАСА вели дека постои можност за 24-часовно одложување, објавува Би-Би-Си.

Се очекува сондата, лансирана во 2012 година, да изгори главно додека минува низ атмосферата, иако некои делови би можеле да стигнат до површината.

Вселенската агенција го процени ризикот од повреда од паѓање на остатоци како „низок“, со веројатност од еден спрема 4.200. Сè уште не е познато точно каде вселенскиот брод би можел повторно да влезе во атмосферата, но НАСА и американските вселенски сили изјавија дека ќе го следат неговото повторно влегување и ќе дадат ажурирани предвидувања.

Леталото и неговиот близнак, беа на мисија да соберат невидени податоци за два трајни радијациски појаси што ја опкружуваат Земјата. Иако мисијата првично беше закажана да трае две години, таа беше продолжена на речиси седум. Заврши дури кога вселенското летало остана без гориво за да ги насочи своите соларни панели кон Сонцето.

Од 2012 до 2019 година, сондите минуваа низ прстени од наелектризирани честички заробени во магнетното поле на Земјата, познати како Ван Аленови појаси. Овие појаси ја штитат Земјата од штетно космичко зрачење и сончеви бури што можат да ја оштетат технологијата и да ги загрозат луѓето.

Мисијата донесе значајни откритија, вклучувајќи ги и првите податоци што го потврдуваат постоењето на привремен, трет радијационен појас. Според НАСА, тој може да се формира за време на периоди на зголемена сончева активност. За разлика од сондата А, нејзиниот близнак не се очекува да се врати до 2030 година.