TikTok ќе започне со воведување на подобрена технологија за проверка на возраста низ цела Европска Унија во наредните недели.
Новата технологија, која помина низ пилот проект во ЕУ минатата година, користи анализа на профили, објавени видеа и модели на однесување за да процени дали сметката му припаѓа на дете под 13 години, објавува „Гардијан“.
Сметките означени од системот нема да бидат автоматски отстранети, туку ќе бидат прегледани од специјално обучени модератори, по што може да бидат деактивирани, соопшти TikTok.
Сличен пилот-проект во Велика Британија доведе до отстранување на илјадници сметки. Големите платформи како што се TikTok, YouTube и Instagram се под зголемен притисок од регулаторите да бидат поефикасни во идентификувањето и отстранувањето на детските сметки.
Meta, сопственик на социјалните мрежи Facebook и Instagram, веќе користи надворешна компанија за проверка на возраста на корисниците, а TikTok одлучи да го стори тоа откако Австралија воведе забрана за лицата под 16 години на социјалните мрежи во декември.
Според податоците од австралискиот регулатор за безбедност на интернет, повеќе од 4,7 милиони малолетнички сметки се отстранети на десет платформи од 10 декември, додека притисокот за слични мерки расте во ЕУ и Велика Британија.
