Facebook тестира систем кој би можел да им наплаќа на корисниците за споделување линкови преку интернет, потег што би можел да се покаже како дополнителен удар за медиумите и другите издавачи.
Meta, сопственикот на социјалната мрежа, потврди дека спроведува „ограничен тест“ во кој корисниците без платена претплата Meta Verified, која започнува од 12 евра месечно, можат да објавуваат само два надворешни линка месечно, објавува The Guardian.
Што носи новиот тест?
Се чини дека тестот вклучува подмножество на Facebook страници и кориснички профили кои го користат „Професионален режим“, кој е дизајниран првенствено за креаторите на содржини да ги монетизираат своите објави. Иако медиумските организации сè уште не се директно вклучени во тестот, овој потег би можел силно да ги погоди бидејќи би можел да ги одврати нивните читатели од споделување содржина.
Издавачите веќе забележаа огромен пад на веб-сообраќајот по одлуката на Meta во 2023 година да ги деприоритизира вестите и да се префрли на прикажување видеа и вирална, кратка содржина.
Сообраќајот од Facebook кон страниците со вести се опоравува оваа година, но според некои мерења во 2024 се намалил за дури 50% за една година.
Цел да се поттикнат претплатите
Најновиот тест е дел од кампањата на Meta за охрабрување на корисниците на Facebook да се претплатат на нивната услуга Meta Verified, која чини од 12 до речиси 500 евра месечно по профил, во зависност од нивото на услугата. Претплатата нуди дополнителни функции на сметката и повисоко ниво на безбедност.
Во снимки што ги споделуваат корисниците, Facebook предупредува: „Почнувајќи од 16 декември, одредени профили на Facebook без Meta Verified ќе бидат ограничени на споделување на две органски [т.е. бесплатни] објави месечно. Претплатете се на Meta Verified за да споделувате повеќе линкови на Facebook, плус да добиете значка за верификација и дополнителни бенефиции.“
Стратешка промена на Meta
Дејвид Батл, основач на медиумската консултантска куќа DJB Strategies, рече дека Meta „намерно се повлекувала од вестите неколку години“.
„По повлекувањето од плаќање на издавачите и целосното блокирање на линковите за вести во Канада како одговор на регулативата, јасно стави до знаење дека вестите повеќе не се стратешки“, рече Батл.
„Овој последен експеримент – кој засега ги исклучува издавачите – го зајакнува поместувањето од бесплатната дистрибуција кон монетизација на досегот, бидејќи Meta се стреми да извлече поголема вредност од своите постари платформи. Ова може да биде поврзано со нејзиниот скап и широко признат погрешен чекор во метаверзумот, бидејќи сега ги удвојува своите напори за вештачка интелигенција“, додаде тој.
Портпаролот на Meta рече: „Ова е ограничен тест за да се разбере дали можноста за објавување зголемен број поврзани објави додава дополнителна вредност за претплатниците на Meta Verified“.
За потсетување, Meta во јануари изјави дека ќе „заземе поперсонализиран пристап кон политичката содржина, така што луѓето кои сакаат да видат повеќе од неа во своите канали можат да ја видат“.
Се чини дека овој потег доведе до повторно оживување на вестите, според анализата на Press Gazette и Similarweb. Еден од најголемите победници беше британскиот „Експрес“, чиј сообраќај од Facebook порасна за 26% за една година, а во март, социјалната мрежа учествуваше со дури 75% од вкупниот сообраќај на социјалните медиуми.
