Тројца милијардери ги изненадија гостите кога влегоа во популарен ресторан за пржено пилешко – и на крајот ја платија сметката на сите.

Јенсен Хуанг, извршен директор на Nvidia, гигантот за чипови за вештачка интелигенција и највредната компанија во светот, го посети ресторанот во Сеул со лидерите на два јужнокорејски глобални технолошки гиганти: претседателот на Samsung Electronics, Ли Џе-јонг, и извршниот директор на Hyundai Motor Grоup, Чунг Еуи-сун, објави Си-Ен-Ен.

Пржено пилешко во комбинација со ледено ладно точено пиво, познато како „чимаек“, е искуство што мора да го проба секој што ја посетува Јужна Кореја. Технолошките моќници се собраа во „Кканбу Чикен“ во срцето на јужнокорејската престолнина пред самитот на АПЕК во Гјонгџу.

Покрај тоа што е име на синџир ресторани, „Кканбу“ е сленг за многу близок пријател.

„Обожавам пржено пилешко и пиво со пријатели, па „Кканбу“ е совршено место, нели?“, им рече Хуанг на публиката што го пренесуваше настанот во живо по неговото пристигнување.

Според националната новинска агенција Јонхап, триото – кое има проценета вкупна нето вредност од 195 милијарди долари – јадело топчиња и стапчиња од сирење, пилешко без коски и пржено пилешко, сето тоа зачинето со корејско пиво „Тера“ и локалниот алкохол. Локалните медиуми ги покажаа како се држат за раце додека наздравуваат со пиво, гест што во Јужна Кореја го симболизира зајакнувањето на пријателството.

Неформалниот состанок се одржа пред самитот на АПЕК во Гјонгџу, каде што пристигнаа голем број азиски лидери, вклучувајќи го и кинескиот претседател Кси Џинпинг, кој доаѓа по трговските разговори со американскиот претседател Доналд Трамп.