Јапонскиот производител на видеоигри Nintendo продал 5,82 милиони конзоли Switch 2 до 5 јуни, соопшти компанијата.

Исто така, се наведува дека приходите на Nintendo во првиот фискален квартал, од април до јуни, се зголемиле за 132 проценти на годишно ниво, достигнувајќи вкупно 572,3 милијарди јени (околу 3,33 милијарди евра).

Добивката на компанијата во истиот период се зголемила за 18 проценти на годишно ниво, достигнувајќи 96,03 милијарди јени (околу 559 милиони евра), објави „Кјодо“. Во истиот период, оперативната добивка достигнала 56,9 милијарди јени, што е малку над очекувањата на аналитичарите.

Приходите од сегментот на гејмерски платформи, кој вклучува продажба на хардвер и софтвер, се зголемија за 142,5 проценти на 555,5 милијарди јени, делумно поради повисоката цена на конзолата Switch 2 во споредба со претходната генерација на уредот.

Спротивно на тоа, бизнисот базиран на интелектуална сопственост, кој вклучува филмови и забава инспирирани од оригиналните видео игри на Nintendo, падна за 4,4 проценти, главно поради падот на приходите од филмот „Super Mario Bros“.

Годишната цел за продажба на конзолата Switch 2 останува на 15 милиони единици, иако аналитичарите веруваат дека таа проценка е премногу конзервативна, објави CNBC. Акциите на Nintendo пораснаа за околу 40 проценти од почетокот на годината, поттикнати од ентузијазмот на пазарот за новата конзола.